4. Хормонална бура

Полека, но сигурно влегов во дванаесеттата недела од бременоста. Првиот триместар е веќе зад мене. Имам (само) уште шест месеци пред себе! Засега е сè добро, не чувствувам особени промени на моето тело, јадењето го доведов во ред, пронајдов физичка активност што ми одговара... Накратко, се навикнав на новата ситуација во мојот живот.

Но, на едно нешто сè уште не се навикнав и никако не можам да го надминам, а тоа се бесмислените коментари кои ги добивам од луѓето околу мене. „Еј, наспиј се сега додека сè уште можеш“. Аха, океј, демек сонот се акумулира, па ќе си извадам од резервата кога ќе ми затреба. Можам да го слушнам ова еднаш, двапати, па дури и трипати без да ме изнервира, но четвртиот пат секако дека ќе биде проследен со некој мој не толку фин коментар. Хормоните, очигледно, си го прават своето.

„Еј, на почеток на четврти месец си?! Па ништо не ти се познава!“ Чекај, ова треба да биде комплимент? Или треба да биде добронамерен совет да закажам вонреден преглед за да проверам дали е сѐ во ред? Како треба да изгледам? Претпоставувам дека ако ми се познаваше стомачето, повторно ќе се смислеа некакви „паметни“ коментари. Не знам, едноставно ме нервира.

Тука ќе ги додадам и „не стој толку на нозе, лежи“, „крени ги сега нозете тука на ова столче“, „не носи фармерки да не го стегаш бебето“, „пиј повеќе млеко за да има за бебето“. Демек јас не знам ништо и сè треба да ми се каже како на мало дете.

Океј, пред да го претворам овој дневник во книга на жалби и поплаки, веројатно треба да направам кратка пауза. Очигледно овој е еден од оние денови кога моите хормони мислат дека е најдобро да бидам сама, во некоја тивка прашума, каде што никој нема да го подели своето мислење со мене зашто секој ќе згреши.

Ова е еден од оние „не чепкај ме“ денови. Само мене ли ми се случуваат токму сега? Дали другите бремени жени околу мене немаат вакви денови или успешно ги кријат? Лош човек ли сум што овие денови не успевам да избројам ни до 3, а камоли до 10?

Има ли некој да ме сфати?

Очајно ми треба искрен разговор без осуда и без задршка.

Твоја сосема хаотична,

Нина