6. (Не)плодност

Деновиве одлучувам да не мислам премногу на иднината, туку да уживам во последните денови од вториот триместар. Велат вториот бил за уживање, па, ете ме, уживам во бременоста без премногу размислување. Кај себе забележав дека почнувам да се менувам. Со пријателките кои немаат деца ми снемуваат теми за разговор зашто јас се преокупирам со четива за правилно дишење при породување, додека, пак, тие со вообичаени нешта како на пример настани од изминатиот викенд и вести од светската шоу-биз сцена. Потсвесно почнувам да си барам ново друштво и тоа ме плаши бидејќи не сакам да се променам од корен. Јас, сепак, сум и треба да останам јас. Но, во потрага по ново друштво, пронајдов еден вистински дијамант од човек. Жена со која мислам дека можам да разговарам со часови без да го погледнам часовникот. Нејзиното име е Ана. 


Ана реши да ми пише читајќи го моето претходно искрено излагање за храбрите жени и да одговори на моето прашање „Како си?“. На Ана очигледно ѝ требаше некој да ја праша, а јас со задоволство ја сослушав. Се допишувавме преку електронска пошта, но јас чувствував како да е овде, до мене, како да го пиеме пладневното кафе заедно, попатно дофрлувајќи си по некој комплимент. 
Ја прашав: „Каков беше твојот пат до мајчинството?“, на што таа одговори: „Тежок“. По овој нејзин одговор десетина минути не можев да правам ништо друго освен да ја гледам тенката црна линија во празниот простор на мојата електронска пошта како трепка. Не знаев што да кажам, што да ѝ одговорам, што да ја прашам. „Сакаш ли да зборуваш за тоа“ беа единствените зборови што мислев дека е соодветно да ги упатам до неа, бидејќи не е секој и секогаш подготвен да зборува за своите битки. Но Ана не е една од нив. Ана ми раскажа сè. 


„Борбата со неплодноста може целосно да го заземе животот. Луѓето гледаат и зборуваат зад грб, а дури има и такви кои си земаат за право да нè советуваат без тоа да биде побарано од нив. Сите се паметни, сите знаат повеќе од нас. Полни се со претпоставки и со осудувања зошто не ни успева. Полни се со приказни прочитани на некаквиси веб-страници, слушнати во локалното продавниче или на некое ТВ-шоу. Но ниедна од тие приказни не е нашата. ’Се е до главата!’, ’Опушти се, само така ќе успеете!’, ’Прво посвои едно дете, тоа ќе ти донесе среќа’…
Сум слушнала и ’Лесно ти е тебе, уживај додека немаш деца, маката после доаѓа’. Не! Не ми е лесно! Тон тежина ми носи срцето. Бес и лутина ми ја параат душата секој пат кога ќе видам мало дете. Грутка ми стои во грлото кога ќе видам бремена жена и се борам со солзите за да не се издадам, за да не откријам што ми носи душата. Чекам да стигнам дома. Тогаш ги пуштам.“ 


Не знаејќи која е Ана, како изгледа и каков тек има нејзината приказна, се трудев да бидам одмерена, бидејќи претпоставувам дека и еден погрешен збор може да боли со денови. Ја прашав: „Се заборава ли некогаш почетокот? Првиот пат кога на себе го лепиш зборот неплодност?“


„Никогаш“, рече Ана. „Секогаш кога ќе го слушнев зборот неплодност, се мразев себеси. Бев облеана во тага, сите соништа ми беа одземени. Неплодноста во мојот живот донесе повеќе солзи отколку што можев да претпоставам дека можам да пролеам. Колку само пати лежев на подот во бањата чувствувајќи целосна празнина по безбројните негативни тестови за бременост. Безброј примени инјекции, модринки по телото, секакви лекови и третмани. Физички, психички, емоционално и ментално исцрпувачки. По секој негативен тест срцето ми беше удавено во разочарување и во агонија. Меѓутоа, и покрај сè, јас чувствував дека мојата сила расте. Имаше нешто што ме туркаше напред. Се чувствував како супержена! 


Неплодноста е голем дел од мојата животна приказна, но никогаш не ме дефинираше. Ја победив. Ја поразив. Ѝ покажав дека има победа и тогаш кога мислиш дека нема. Јас добив две срца, кои шест недели по инвитро-трансферот зачукаа под моето срце. Тие ми дадоа уште поголема верба и надеж во себе, во животот, во судбината.“
Читајќи ги овие реченици, збор по збор, како се наближуваше позитивната вест која ми ја кажа Ана, мене несвесно ми се затегнуваа краевите на устата формирајќи широка, искрена насмевка. 


„Честитки!“, ѝ напишав. „Знам дека на светов постојат храбри жени и сиот универзум работи за да се остварат нивните искрени желби. Прегрни ги своите две мали чуда од мене. Навистина сум среќна за убавиот крај на твојата приказна!“
„Чудо!“, ми одговори. „Но, тоа не е крајот на мојата приказна. Три години откако тие две мали срценца дојдоа на свет по пат на ИВФ, јас повторно забременив, овојпат природно. Добивме уште една ќерка! Е тоа е чудо, нели?“


Ех, моја Ана! Ти благодарам што постоиш и што ми даде дел од себе со овие зборови. Верувам дека таму некаде постојат уште многу жени кои се соочуват со ситуација како твојата. Верувам и дека голем дел од нив молчат поради страв од осуда, поради срам и поради незнаење како да кажат. Можеби токму Ана ќе им влее верба во процесот и ќе ги натера искрено да веруваат во чуда. 

Јас знам дека од денеска сигурно верувам. 
Верувам и дека треба да зборувате, сите вие, на свој начин и со луѓето со кои навистина сакате да споделите делче од себеси. 
Верувам и дека треба да бидете прашани како сте.

До следно читање, 
Нина