Кожа

Кожата е надворешната обвивка на човековото тело и претставува најголем орган. Кај новороденче има површина од 2 500 cm2, но со растење површината се зголемува до 18 000 cm2 кај возрасен. Кај новороденчето, на кожа отпаѓа 13% од неговата тежина во споредба со возрасните каде отпаѓа 3%. Токму ова и дава посебно значење на кожата како орган кај бебињата. Кожата е првата бариера кај новороденчето кое се сретнува со различните моќни фактори на околината, на кои било изложено новороденчето, штом излезе од сигурната интраутерина средина на мајката.

Бариерна функција – заштита на организмот од негативни влијанија од околината - (механичка заштита, антиинфективна заштита, термичка заштита, заштита од прекумерно губење на вода, пенетрација на разни хемиски материи, заштита од штетно влијание на сончевите зраци – УВ радијација).

  • Учествува во терморегулација
  • Имунолошка активност – учествува во неспецифичната одбрана на организмот. Преку неа организмот се запознава со надворешната средина и создава соодветен имунолошки одговор.
  • Сетилна функција (преку бројните нервни завршетоци и пачиниевите телца се воспоставува врска помеѓу надворешната средина и организмот).
  • Секреторна функција (пот и лој).
  • Синтеза на витамин Д под влијание на ултравиолетови зраци од сонцето.

Иако кожата кај вашето бебе наликува по градба на вашата, сепак функционално е незрела.  Затоа кожата на вашето бебе  е особено чувствителна на влијанијата од околината. Кожата е потенка со што е олеснато губењето на вода, а сето тоа придонесува за полесно навлегување на разни штетни материи. Жлездите ја немаат достигнато целосната активност, па поради тоа не е целосно развиен воденомасниот обложувачки слој што ја прави бебешката кожа почувствителна на инфекциите, кои лесно можат да ја оштетат кожата. Да не заборавиме дека, големата површина на кожата и намалената способност за потење ги прави бебињата термонестабилни, па лесно може да се прегреат или да се оладат. Детската кожа постепено созрева и на возраст од 12 години ја постигнува зрелоста како кај возрасните, во поглед на морфолошките и физиолошките карактеристики.

Денес, се знае дека бариерната функција на кожата е предуслов за здрава и нормална кожа. Со одржување на нормална бариерна функција се обезбедуваат и другите функции на кожата во обезбедување на здравјето. Еластичноста и мекоста на кожата, кои се предуслов за нормална бариерна функција, се должат на способноста на стратум корнеум да врзува вода. Тоа е овозможено од нормалното присуство на масти во интерцелуларниот матрикс, нормалната секреција на липиди од лојните жлезди и од присуството на нормални навлажувачки фактори (аминокиселини). Епидермисот претставува метаболно активна средина во која се врши синтеза на одредени материи – липиди, протеолиза, активација на цитокини, ацидификација, прилагодено на влијанијата од надворешната средина. Кожата делува како биосензор како на надворешните влијанија, така и на внатрешните влијанија од самиот организам.

Одбранбени механизми од инфекција

  • Природниот слој на кожата составен од масти, вода, пот и кератиноцити е првата бариера за навлегување на микроорганизмите.
  • Киселата pH не дозволува развој на бактерии.
  • Леукоцитите кои се сретнувааат во кожата може да ги заробат и уништат бактериите кои ќе навлезат во епидермисот.
  • Епидермисот исто така содржи и специјални дендритични клетки - лангерхансови клетки кои се расфрлени низ кератиноцитите. Тие се способни да ги заробат туѓите материи кои ќе навлезат во епидермисот и ги носат до лимфоцитите, кои ги неутрализираат. При подолготрајно изложување на исти туѓи материи, со тек на време лимфоцитите го зголемуваат степенот на одбрана и создаваат антитела наспроти тие туѓи материи. Тоа може да доведе до несакана последица, односно до алергиска реакција.
  • Нормален екосистем на микроорганизми (бактерии и габи). Се смета дека на 6.5 цм2 кожа во просек има 50 милиони микроорганизми, но секако нивната концентрација варира во зависност од местоположбата. Микроорганизмите меѓу себе се контролираат и се дел од здравата кожа, воедно не дозволуваат населување на патогени бактерии. Правилната хигиена на кожата е многу важно од повеќе аспекти. Од една страна, нечиста кожа може да фаворизира развој на патогени бактерии. Но, од друга страна, прекумерното миење и отстранување на нормалните бактерии може да го олесни населувањето на патогени бактерии кои може да ја оштетат кожата.