Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашиот веб сајт. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашиот веб сајт. Детални информации за начинот на кој може да ги смените Вашите преференци за веб колачиња "Cookies“, може да најдете во нашиот документ за Политика за приватност / Политика на приватност
7. Непотребни работи
Празничната магија го извади најдоброто од мене, а тоа навистина ми требаше на почетокот на третиот триместар, токму кога почнав да станувам потешка и да ми станува потешко. Сите семејни дружби, бескрајните разговори и веселата атмосфера, но и вниманието кое, несомнено, го добивам ми годат. Ова е прв Божиќ на кој не бев задолжена да готвам со часови за да го направам омилениот десерт на Иван и прв Божиќ на кој не ми припадна честа да ги измијам садовите. Но ова е за мене и последен Божиќ, последен сама без моето дете. Чудно е како деновиве размислувам за сите последни работи, пред да дојдат првите.
Суеверно, да, морам да признаам дека досега не сме купиле ниту едно единствено чорапче за нашето дете. Чекавме да пројде време и се договоривме дека штом влезам во седмиот месец и штом поминат празниците, ќе се фокусираме на подготовката за дом со бебе. Но, не предвидовме една работа, а тоа е дека во периодот кога секој секому сака да биде дедо мраз, мојот дедо мраз очигледно ме гледал преку специјални ултразвучни очила, зашто секој еден подарок ме игнорираше мене и беше наменет за бебето во мене. О, какви сè работи добив, веројатно не им го знам ниту името на сите нив, а да не зборувам за намената. Но она што ретко кој го помисли е дека можеби јас, едноставно, би се израдувала на пар новогодишни чорапи, маска за лице или на некој убав нотес за планирање на новата година. Но, што е важно што сакам јас, нели? Тоа веќе одамна го утврдивме: бебето е во преден план, а мама неколку места зад него. Да не звучам неблагодарно бидејќи сите подароци ги добивме со многу љубов, внимателно избрани и во голема мера корисни, но добивме и повеќе нешта за бебето, кои, едноставно, не сакам, не знам или не планирам да ги користам.
Гледајќи во купчето бебешки бодиња, пижамчиња, капчиња, цуцли и мечиња, сфатив дека моето дете во првите месеци од својот живот ќе биде облечено и опкружено со работи кои други луѓе му ги одбрале; дека ќе го гледам како ја надраснува облеката која за него ја избрале сите отстрана, само не неговите сопствени мајка и татко. Дали е ова невообичаено размислување? Можам ли некому да му го кажам ова без на мене да се закачи етикетата на неблагодарен човек? Да, знам дека на светот постојат голем број родители и деца кои сонуваат да им се наполнат рафтовите со нова облека, но, едноставно, ова се дел од моите мисли и ова е местото каде што можам да бидам сосема искрена.
И, додека сме кај собирањето купишта од работите за бебето, се враќам на почетокот. Што ми треба мене навистина? Што е сега за нас сосема неопходно? Мојата детална консултација со сезнајниот „Гугл“ не само што не ми помогна туку и сосема ме збуни. Десет различни видови кревети, колички со најразлични механизми, седишта за во автомобил кои личат како да се наменети за вселенско летало... Што ни треба навистина за да имаме сè, а да немаме баш СÈ? Како да не се затрупам себеси со непотребни работи?
Како и секогаш збунета и растргната кон безброј насоки, ве прашувам вас за помош, зашто ниту еден експерт со 50 дипломи не може да знае повеќе за овие работи отколку некој кој ги поминал. Мама, можеш ли да ми помогнеш да ја составам мојата листа без непотребни работи?
Твоја,
Нина